Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека неговиот престој на функцијата се приближува кон крајот, наведувајќи дека пред него се „последни недели“ како шеф на државата.
Веста за оставката ја соошти на големиот јавен митинг „Србија, едно семејство“ во Белград, организиран од Српската напредна партија, каде Вучиќ се обрати пред присутните граѓани и поддржувачи.
„Ќе бидам уште само неколку недели претседател, потоа поднесувам оставка. Верно ѝ служев на мојата земја 14 години. Ја сакам Србија повеќе од сè друго. Никогаш не сум се занимавал со туѓите интереси. Не сакав да служам на никого освен на граѓаните на Србија. Ова се моите последни денови и недели како претседател“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека одлуката ја донел во консултација со политичкото раководство и дека по евентуалното повлекување ќе продолжи да биде активен во политичкиот живот на земјата.
Во говорот, Вучиќ нагласи дека негов приоритет останува стабилноста на државата, како и продолжување на економските и инфраструктурните проекти започнати во текот на неговиот мандат.
Оваа изјава предизвика бројни реакции во јавноста и медиумите, при што дел од аналитичарите ја толкуваат како политичка порака во контекст на актуелните политички случувања и претстојни изборни процеси.
Засега не е објавена официјална одлука или правен акт за оставка од претседателската функција.

