Предлогот за реконструкција на Владата, со кој се предвидуваат кадровски промени во неколку министерства и именување нови членови на Владата, денеска треба да биде доставен до Собранието, каде пратениците ќе расправаат и ќе одлучуваат за новиот владин состав.
Согласно предлозите што ги соопшти премиерот Христијан Мицкоски, за министер за здравство е предложен досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. На негово место во Фондот треба да биде именуван досегашниот министер за локална самоуправа Златко Перински.
За нов министер за локална самоуправа е предложен Иван Стоилковиќ, лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, додека ресорот труд и социјална политика, демографија и млади треба да го преземе Ѓоко Велковски.
Со реконструкцијата се врши и прераспределба на ресорите меѓу коалициските партнери. Во редовите на коалицијата ВЛЕН, за министер за правда е предложен Јетон Шасивари, за министер за култура Садат Сулејмани, а за министер задолжен за односи меѓу заедниците Агон Ферати.
Во Владата е предложен и нов министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030. За оваа функција е предложен Ерџан Демир, кој доаѓа од Демократската партија на Турците.
Премиерот Мицкоски изјави дека предложените кадровски решенија се резултат на разговорите со коалициските партнери и имаат за цел зголемување на ефикасноста на Владата и исполнување на програмските приоритети.
Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски претходно кажа дека неговата партија ќе го преземе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а министер ќе биде државениот секретар во тоа Министерство и партиски потпретседател Борче Серафимовски, а на чело на Министерството за јавна администрација останува министерот Горан Минчев.
По доставувањето на предлогот, Собранието треба да закаже седница на која ќе се расправа за изборот на новите министри. За нивниот избор е потребно просто мнозинство од вкупниот број присутни пратеници, согласно Деловникот и Уставот.
Next Article ОД СЕГА СО ЕЛЕКТРИЧЕН ТРОТИНЕТ САМО НАД 18 ГОДИНИ

