-Кога ќе го напуштам овој свет, јас нема да можам да понесам ништо со мене. Се што имам ќе му припадне на некој друг. Некое дете ќе добие образование, а јас сметам дека денес ако немаш образование, не можеш да постигнеш многу. Не жалам што му ги оставив моите пари на Универзитетот во Јужен Мисисипи, жал ми е што не можев да дадам повеќе, кажала Осеола Мек Карти, жената која во 1995 година стана инспирација за цел свет.
Осеола (1908 – 1999) имала голема желба за знаење, но животот ја одвел во друга насока. Кога имала 12 години нејзината тетка која немала деца тешко се разболела и таа морала да го прекине школувањето и да се грижи за неа. Живееле во сиромаштија, и по смртта на тетка и Осеола продолжила да работи како перачка. Никогаш немала автомобил, живеела скромно, а до крајот на животот имала црно – бел телевизор. Носела стара облека и пешачела со километри за да купи поевтина храна. Кога имала 39 години, вујко и и ја подарил неговата стара куќа во која останала да живее до крајот на животот. Но, уште од рана младост таа била научена да штеди. Отворила штедна книшка во банка, и секој месец успевала да заштеди скромно, долар по долар. На свои 87 години, нејзината животна заштеда достигнала до 150.000 долари, кои ги донирала на Универзитетот во Јужен Мисисипи, а парите биле наменети за стипендии за студенти кои немаат финансиски средства да го продолжат образованието. Со тоа, нејзиниот живот од обична перачка се претвори во симбол на хуманост и несебичност.

Една година пред да почине, таа добила Универзитетска почесна диплома од Универзитетот во Јужен Мисисипи – прва почесна диплома што универзитетот некогаш ја доделил, Претседателски граѓански медал (Presidential Citizens Medal) – едно од највисоките цивилни признанија во САД, доделено од претседателот Бил Клинтон, Почесен докторат од Харвард универзитетот – признание за нејзиниот хуманитарен придонес, награда за придонес во образованието од УНЕСКО, како и десетици други национални и локални признанија. Денес во Мисисипи функционира фондација за стипендии во нејзина чест, која сè уште финансира студенти и се зголемува со текот на годините.
Мек Карти никогаш не се омажила и немала деца, а починала на 91 година, од рак на црниот дроб, а центарот и голем стипендиски фонд во нејзина чест го продолжуваат нејзиното наследство.

