Возачите кои викендов ќе патуваат кон Грција треба да сметаат на значителни застои во сообраќајот поради ново затворање на источната внатрешна обиколница кај Солун.
Целосниот прекин на сообраќајот ќе важи од петок во 23:00 часот до сабота во 23:00 часот, при што ќе биде затворена обиколницата во двата правци.
Поради затворањето, возилата што се движат кон Кавала, Катерини, Халкидики и аеродромот ќе бидат пренасочени низ централното градско подрачје на Солун. Надлежните предупредуваат дека тоа ќе предизвика зголемен сообраќаен метеж и подолго време на патување.
На туристите и останатите патници им се препорачува навреме да го испланираат патувањето, да тргнат порано од вообичаено и да бидат подготвени за можни застои, особено во текот на викендот.

