Министерството за јавна администрација во изминатите две години спроведува реформски процеси насочени кон модернизација и професионализација на јавниот сектор, при што во фокусот е и зголемувањето на платите на вработените во администрацијата, соопшти министерот Горан Минчев.
Како што истакна Минчев, целта на реформите е создавање поефикасна и поорганизирана јавна администрација, со професионални раководни структури и јасни стандарди во работењето на институциите.
Посебен акцент, како што наведуваат од Министерството, е ставен на унапредување на системот на плати, кој треба да придонесе за поголема мотивација на административните службеници и задржување на стручен кадар во јавниот сектор.
Особено значаен сегмент од реформите е подобрувањето на статусот на административните службеници. Во партнерски дијалог со синдикатите постигнат е историски договор преку колективните договори, со кој е обезбедено континуирано зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти до 2028 година.
-Реформата на јавната администрација не може да биде успешна без да се грижиме за луѓето кои секојдневно ја носат работата на институциите, нагласи Минчев.
Покрај зголемувањето на платите, реформската агенда опфаќа и воведување на мерит-систем при вработувања и унапредувања, како и зајакнување на професионалните стандарди во државната управа.
Од Министерството посочуваат дека овие промени се дел од поширок процес на усогласување со европските практики и подобрување на квалитетот на јавните услуги кон граѓаните.
ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА – МИНЧЕВ ГИ НАЈАВИ РЕФОРМИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР
2 Mins Read

