Министерот за одбрана Владо Мисајловски соопшти дека во изминатите две години се реализирани повеќе проекти насочени кон модернизација, опремување и унапредување на капацитетите на Армијата, оценувајќи дека процесите се одвиваат со засилено темпо и со јасна стратегија за развој на одбранбениот систем.
Според него, Македонија останува безбедна и стабилна држава, а фокусот на Министерството е насочен кон развој на човечките ресурси, подобрување на условите за работа и зголемување на подготвеноста на Армијата за современите безбедносни предизвици.
Мисајловски истакна дека во овој период се спроведуваат повеќе договори и набавки во соработка со стратешки партнери, меѓу кои и САД, во вкупна вредност од околу 339 милиони американски долари. Дополнително, преку Европскиот мировен фонд е реализирана испорака на опрема од првиот пакет помош во вредност од 40 милиони евра, додека вториот пакет е во фаза на испорака.
Во делот на опремувањето, министерството наведува дека се набавени илјадници парчиња лична и заштитна опрема за припадниците на Армијата, вклучително чизми, униформи, шлемови и балистичка опрема, како и опрема за единиците за атомско-биолошко-хемиска одбрана.
Паралелно со опремувањето, се реализираат и инфраструктурни проекти. Според податоците, досега се завршени околу дваесет инфраструктурни зафати во вредност од над 3,1 милион евра, а во тек се уште пет проекти. Во подготовка се и нови капитални инвестиции, меѓу кои реконструкција на објекти од значење за Армијата, како и подобрување на воената инфраструктура.
Министерството за одбрана најавува и продолжување на дијалогот со синдикатите за нов колективен договор, како и изнаоѓање трајно решение за професионалните војници по навршување на 45 години возраст, со цел задржување на кадарот во системот.
Мисајловски порача дека целта останува јасна — понатамошно зајакнување на Армијата, унапредување на условите за работа и исполнување на обврските кон сојузниците, со фокус на безбедноста на државата и граѓаните.
Previous Article55 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА РОК ИКОНАТА ЏИМ МОРИСОН

