Шкотските рок легенди Nazareth ќе настапат во Србија, и публиката ќе има можност да ги види во Белград, каде на 5 октомври 2026 година ќе одржат концерт во МТС Дворана.
Концертот е дел од актуелната светска турнеја на бендот, со која го промовираат својот најнов студиски албум Surviving the Law. Публиката ќе има можност во живо да ги слушне најголемите хитови што ја одбележаа повеќедецениската кариера на Nazareth, меѓу кои се „Love Hurts“, „Hair of the Dog“, „Razamanaz“, „Broken Down Angel“, „Dream On“ и „This Flight Tonight“.
Иако низ годините составот претрпе бројни промени, Nazareth и понатаму остануваат едно од најпрепознатливите имиња на светската рок сцена. Денес бендот го предводи басистот и единствен преостанат основач Питер Агњу, заедно со Ли Агњу на тапани, Џејмс Мурисон на гитара и вокалистот Џани Понтило.
Основани во 1968 година во Шкотска, Nazareth оставија длабока трага во историјата на хард рокот и класичниот рок, а нивните песни и денес се неизоставен дел од концертните сет-листи и рок радиостаниците ширум светот. Со повеќе од пет децении активна кариера и милиони продадени албуми, бендот продолжува да настапува пред публика од сите генерации.
Концертот во Белград претставува одлична можност и за македонските љубители на рок музиката да проследат настап на еден од највлијателните бендови во жанрот, кој и по повеќе од 50 години успешно ја одржува својата препознатлива енергија на сцената.

