Министерството за внатрешни работи соопшти дека откако системот „Безбеден град“ е официјално пуштен во употреба, дава резултати во унапредувањето на безбедноста во сообраќајот.
Според податоците на МВР, во периодот од февруари до јуни годинава бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е намален за 40 проценти во споредба со истиот период минатата година. Односно, годинава животот го загубиле 34 лица, додека во истиот период лани биле евидентирани 55 жртви.
Од Министерството наведуваат дека од почетокот на примената на системот се регистрирани над 130.000 сообраќајни прекршоци, при што повеќе од 95 проценти од нив се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина.
„Тоа јасно покажува дека најголемата опасност на нашите патишта не се камерите, туку неодговорното возење“, наведуваат од МВР.
Оттаму информираат дека имплементацијата на системот ќе продолжи низ целата држава, со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се намали бројот на сообраќајни несреќи и жртви.
„Нашата цел не е да изрекуваме повеќе казни, туку да имаме помалку сообраќајни несреќи, помалку изгубени животи и побезбедни патишта за сите“, се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Previous ArticleГОЛЕМ МЕЃУНАРОДЕН УСПЕХ ЗА МАКЕДОНСКАТА ПРЕТСТАВА „КОКОШКА“

