Најмалку 120 доброволни пожарникари ќе бидат ставени на располагање на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за време на претстојната сезона на пожари, најави директорот на институцијата, Стојанче Ангелов.
Според Ангелов, доброволните пожарникари ќе бидат дополнителна поддршка на професионалните противпожарни единици, со цел да се зголемат капацитетите за справување со шумските и другите пожари во периодот кога ризикот е најголем.
Ангажманот е дел од активностите што ДЗС ги презема за подобра подготвеност во пресрет на летната сезона, кога високите температури и сушниот период значително го зголемуваат ризикот од избувнување и ширење пожари.
Во тек е и постапка за ангажирање лица со претходно искуство во безбедносните и спасувачките служби, кои по соодветна обука и здравствена проверка ќе бидат вклучени во системот за заштита и спасување.
Од Дирекцијата очекуваат со засилените човечки ресурси да се обезбеди побрза и поефикасна реакција на терен, како и подобра координација со територијалните противпожарни единици и другите надлежни институции во случај на пожари.
Надлежните апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од пожари и да пријавуваат секој забележан пожар или сомнителна активност што може да предизвика пожар, со цел да се намалат ризиците и последиците од огнените стихии.

