Охрид добива значајни инфраструктурни и образовни инвестиции, а со завршувањето на автопатската делница Кичево–Охрид градот ќе стане уште подостапен за туристите и граѓаните, изјави премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Општина Охрид.
Премиерот, заедно со владина делегација, изврши увид во градежните активности за реконструкција на СОУ „Св. Климент Охридски“, а ја посети и реконструираната улица „Кленоец“.
„Гледаме дека се работи, се инвестира, Охрид се развива и полека, но сигурно, го добива заслуженото место што му припаѓа“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека доколку градежните активности се одвиваат според планираното, целосната автопатска делница Кичево–Охрид би требало да биде пуштена во употреба во првиот квартал од следната година. Воедно, најави дека уште оваа есен се очекува да биде пуштена делницата од Извор до Врбјани, со што граѓаните ќе добијат дополнителни километри современ автопат.
Според него, новата патна инфраструктура ќе го скрати времето на патување од повеќе градови во земјава до Охрид, што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи и дополнителен економски развој на регионот.
Мицкоски упати честитки до градоначалникот на Охрид за реализираните проекти и за плановите за понатамошен развој на општината, оценувајќи дека резултатите се „импозантни и импресивни“.
Тој изрази благодарност и до општинските советници, администрацијата, пратениците од Охрид, како и до министрите во Владата, нагласувајќи дека реализацијата на капиталните проекти е резултат на заедничка работа и координација меѓу централната и локалната власт.
Во своето обраќање, премиерот им се заблагодари и на директорката и вработените во СОУ „Св. Климент Охридски“, истакнувајќи дека објектот континуирано се реконструира и се модернизира преку нови инвестиции.
„Ќе продолжиме заедно со локалната самоуправа да го ставаме фокусот на Охрид и да испорачуваме проекти што ќе додадат вредност во квалитетот на животот на охриѓани и на сите граѓани на Македонија“, порача Мицкоски.
МИЦКОСКИ: ВО ОХРИД СЕ РАБОТИ И СЕ ИНВЕСТИРА, РЕЗУЛТАТИТЕ СЕ ИМПОЗАНТНИ И ИМПРЕСИВНИ!
2 Mins Read

