Владата донесе одлука со која се менуваат и дополнуваат условите за користење на средствата од компензационите фондови, со што постојната кредитна линија преку Развојната банка добива конкретна намена – финансирање на откупот на оризова арпа и винско грозје од сортата „вранец“.
Одлуката е донесена пред почетокот на главниот период на откуп, кога откупувачите и преработувачите имаат потреба од значителни финансиски средства за преземање на земјоделските производи, додека приходите од нивната продажба и преработка се реализираат во подоцнежен период.
Со овој финансиски инструмент се обезбедува навремено одвивање на откупот и создавање услови земјоделските производители да бидат исплатени во предвидените рокови.
За оваа намена ќе се користат расположливи средства од постојната кредитна линија, како и слободни средства со кои управува Развојната банка. Вкупниот расположлив износ изнесува 793.481.723 денари, односно околу 10,1 милиони евра.
Од вкупните средства, 240 милиони денари се наменети за откуп на оризова арпа, додека 553.481.723 денари се предвидени за откуп на винско грозје од сортата „вранец“.
Барањата за користење на средствата ќе се разгледуваат според редоследот на нивното пристигнување, во рамките на предвидените износи. Максималниот кредит за откуп на грозје од сортата „вранец“ ќе изнесува до 130 милиони денари, а за откуп на оризова арпа до 30 милиони денари.
За кредитите наменети за оризова арпа е предвиден рок на отплата до шест месеци, додека за грозјето рокот е до девет месеци. За двете категории е обезбеден грејс-период до три месеци и квартална отплата.
Каматната стапка ќе биде фиксна и ќе изнесува еден процент годишно, без наплата на еднократна провизија за управување со кредитот.
ВЛАДАТА ОБЕЗБЕДИ НАД 10 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ОТКУП НА ГРОЗЈЕ „ВРАНЕЦ“ И ОРИЗОВА АРПА
2 Mins Read

