Српската поп-фолк пејачка Милица Павловиќ (34) во петок, 19-ти септември, доаѓа во Неготино и ќе биде главна музичка ѕвезда на општинската манифестација Неготинска музичка вечер. За нејзиниот настап ќе биде поставена голема бина, со врвно озвучување и осветлување на градскиот плоштад.
Од кабинетот на градоначалникот д-р Горан Стојанов за ВИКИМЕДИА велат дека очекуваат огромен број на посетители, не само од градот, туку од целата земја. Се претпоставува бројка од околу 10.000 луѓе, па поради тоа ќе биле преземени сите потребни безбедносни мерки во градот, односно ќе бидат ангажирани службите на МВР, службата на Итната медицинска помош, на ППТЕ Неготино, како и голем број на редари, со цел настанот да помине во најдобар ред.
Павловиќ, која стана популарна во регионот во 2011 година, по учеството во музичкиот натпревар ,,Ѕвездите на Гранд” е доста омилена помеѓу помладите генерации, а нејзините настапи се познати по интересната сценографија и костимографија. Секогаш доаѓа со голем тим, за време на концертите се пресоблекува и по неколкупати, а годинава во февруари кога го одржа својот прв концерт во Скопје, на сцената имаше и повеќе музички гости, помеѓу кои Елена Ристеска, Гоце Јанкулов, Игор Тегов, Јане Крстев…
Покрај Милица, на Неготинска музичка вечер ќе настапи и Жаре Бербер, кој ќе ја отвори манифестацијата, а за крај е најавен настапот на Диџеј Тодороф. Водител ќе биде Стефан Лазаров.
Со овој настан се најавува започнувањето на традиционалниот Неготински панаѓур. Во сабота ќе се одржи Манастирска вечер, а потоа од недела, па во наредните три дена, ќе се одвива стопанско-забавната манифестација, кога во центарот на градот доаѓаат трговци од сите краеви и на штандови се продаваат разни производи, од текстил до казани за варење ракија.
Вики Клинчарова
Се очекува Милица Павловиќ да донесе околу 10.000 посетители во Неготино: Најавено е големо музичко шоу на градскиот плоштад!
2 Mins Read

