Првата детска амбасада во светот – Меѓаши со загриженост реагира на сериозната состојба со загадувањето на воздухот во Скопје. Од амбасадата посочуваат дека токсичниот воздух претставува директна закана по здравјето на сите граѓани, а најмногу по најранливите – децата, и бараат итно и без одложување да се донесе одлука за прекин на наставата во најпогодените подрачја во Скопје.
-За справување со енормното загадување и заштита на учениците, неопходна е итна и координирана акција меѓу Министерството за образование, Министерството за здравство, Министерството за животна средина, локалната самоуправа, Институтот за јавно здравје, Центарот за управување со кризи, Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и граѓанските организации.
Затоа бараме овие институции заеднички и под итно да донесат мерки што ќе овозможат безбедна и адаптирана образовна средина во денови со критичен квалитет на воздухот. Доколку тоа во моментот не е возможно, бараме да се излезе со соодветни мерки за целосна заштита на децата, вклучувајќи и затворање на училиштата во најзагрозените региони.
Ги повикуваме надлежните институции итно и без одложување да донесат одлука за прекин на наставата во најпогодените подрачја во Скопје, за децата да бидат заштитени од изложеност на штетните честички и токсични гасови. Во вакви услови, децата не треба да учествуваат во јавни собири или протести – нивното здравје и безбедност мора да бидат приоритет, порачаа од Меѓаши.
Исто така, апелираат веднаш да се преземат мерки за гаснење и санација на депониите и трајно решавање на проблемот со загадувањето.
-Чистиот воздух не е привилегија, туку основно право на секој човек, а особено дете! Нивното здравје и иднина се наша заедничка одговорност и обврска да обезбедиме здрава средина за сите.
Апел до јавноста и медиумите:
Ги повикуваме сите граѓани, родители, наставници, активисти и медиуми да го кренат својот глас и да се приклучат кон барањето за итна акција! Молчeњето пред оваа еколошка катастрофа значи соучество во загрозувањето на иднината на нашите деца. Споделете, коментирајте, реагирајте – секој глас е важен!
Децата немаат моќ да се борат за своето право на здрава средина – затоа ние мораме да го сториме тоа за нив.
Времето за чекање е поминато. Сега е моментот за одговорност, солидарност и конкретни чекори, порачаа од Меѓаши.
Деск
Итен прекин на наставата во најзагадените подрачја во Скопје бара Детската амбасада Меѓаши
2 Mins Read
Previous ArticleПриведена жена-макро од село Бојане

