Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со стручниот тим од Заводот и музеј – Струмица, вчера беше во работна посета во Дојран, со цел увид во тековни и планирани проекти од областа на културата и културното наследство.
-Во Стар Дојран беше извршен увид во црквата „Св. Илија“, значаен објект од 19 век со висока историска, архитектонска и духовна вредност. Министерството најавува продолжување на активностите за конзервација и реставрација на овој објект, кој претставува симбол на духовното и културното наследство на регионот.
Особено внимание оваа година е посветено на капиталниот проект за изградба на музеј на вода, преку реконструкција на праисториска наколна населба во Дојранското Езеро. Во тек се заштитни археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја, додека основниот проект за изградба на музејот се очекува да започне во 2026 година. Идејниот проект е изработен од Заводот и музеј – Струмица, соопштија од министерството.
Од таму додаваат дека музејот, кој ќе биде поставен директно на површината на езерото, ќе функционира како „жив музеј на отворено“, со висока едукативна и туристичка вредност.
-Со ваквиот пристап, Дојран добива можност да се позиционира како водечка дестинација за културен и археолошки туризам во поширокиот регион, соопштија од Министерството за култура.
Деск

