Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека родителите на деца со попреченост во Србија, кои не можат да работат, поради тоа што се грижат за своите деца, со воведување на нов закон добиваат стаус на родител – негувател, и ќе можат да добиваат редовни месечни примања, како и платено пензиско и здравствено осигурување.
Како што истакна Вучиќ, станувало збор за месечна сума од 65.000 српски динари, односно околу 500 евра, како помош за овие луѓе кои го посветиле животот на своите деца и не можат да остварат редовен работен однос.
Додаде дека ќе има сторги контроли, за да нема злоупотреби и средствата да завршуваат во вистинските раце.
И кај нас родителите на децата со попреченост бараат да добијат статус на родител-негувател со законски измени, идентично како и згрижувачите на лица со попреченост.
Здружението за поддршка на лицата со Даунов синдром – Вера, минатата година покрена онлајн петиција со која се бараше воведување на статусот родител – негувател, бидејќи огромен е бројот на родители на деца со попреченост кои мора по 24 часа дневно да се грижат за своите деца, и не се во можност да работат, по што се откажуваат од својата професија и кариера.
Родителите одржаа и неколку средби со пратеници, но официјално, не беа објавени конкретни чекори по повод остварувањето на нивното барање.
В.К.

