-Ако сакаш да ти купам фиќо, запиши се на правен факултет, ми рече татко ми, и јас се согласив. Ама, истовремено се запишав и на глума. Со правото заглавив, и кога тој ми го побара индексот, му ги дадов и двата, и тој од драмски и тој од правен факултет. Се налути, ми рече веднаш да му ги вратам клучевите од фиќото. И му ги дадов, немав намера да се откажам од актерство. По некое време, виде – не виде, ми ги врати клучевите – така раскажуваше Данчо Чевревски (1951-2020), македонскиот актер кој има остварено најголем број на филмски улоги, односно се има појавено во над 70 југословенски и македонски филмови.
Во семејствата каде што уметноста не секогаш се гледа како сигурен пат, често се раѓаат најупорните приказни за успех, а неговата беше токму таква. Раскажуваше дека неговиот татко не гледал со лесно срце на идејата синот да тргне по актерски пат. Како и кај многу семејства од тоа време, уметноста изгледала неизвесна, кревка, нешто што не нуди гаранции, ниту мирна иднина. Но кај Чевревски, токму тој отпор не го изгаснал пламенот, туку го направил поупорен. Наместо да се откаже, тој чекорел понатаму – тивко, но решително, градејќи си пат што на почетокот го гледал само тој.
Работеше и како професор на ФДУ во Скопје и беше декан на Факултетот, а во тек на животот доби голем број на награди, помеѓу кои и интернационалната Астер за исклучителни достигнувања на филмот и на телевизијата.
Чевревски со својата појава, сценска енергија и препознатлив израз станал дел од колективната културна меморија во Македонија и пошироко во поранешна Југославија. Почина по долго боледување на 69-годишна возраст.
Деск

