Премиерот Христијан Мицкоски упати апел до македонските граѓани да размислат дел од летниот годишен одмор да го поминат во земјата, во контекст на воведувањето на новиот дигитален систем за евиденција на патници на Европската Унија.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе побара одложување на примената на системот во летната сезона, Мицкоски изјави дека се водат разговори во рамките на Европската Унија, но дека државата располага со доволно туристички потенцијали.
„Имаме одредени разговори во рамките на Европската Унија како тоа да се надмине, но ако претставува проблем за летните годишни одмори, имаме прекрасни езера, планини и села. Ги повикувам граѓаните да ги поминат одморите во Македонија, затоа што имаме прекрасна земја која треба самите да ја чуваме“, изјави Мицкоски.
Тој зборуваше во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по панихидата по повод 123 години од смртта на Гоце Делчев.
Станува збор за новиот систем на Европската Унија, познат како „влез–излез“, кој се однесува на државјани од земји кои не се членки на Шенген зоната и се применува во повеќе европски држави.
Системот предвидува при прв влез во Шенген зоната патниците да даваат биометриски податоци, вклучувајќи отпечатоци од прсти, фотографија и скенирање на патни документи. Целта е поефикасна гранична контрола и следење на престојот на странските државјани.
Сепак, во дел од европските држави веќе се пријавуваат подолги чекања и редици на граничните премини и аеродромите, особено во периоди на зголемен сообраќај како летните одмори.
Деск
МИЦКОСКИ: ИМАМЕ ПРЕКРАСНА ЗЕМЈА, ГИ ПОВИКУВАМ ГРАЃАНИТЕ ДА ЛЕТУВААТ ВО МАКЕДОНИЈА!
2 Mins Read
Previous ArticleСМРТТА НА ТИТО, МОМЕНТ ШТО ЈА СМЕНИ ИСТОРИЈАТА НА БАЛКАНОТ

