Пред шест години го изгуби синот во фатална сообраќајна несреќа на улиците во Пјаченца, а вчера нејзиниот живот заврши трагично, откако сопругот ја убил. Милена Витанова (55) од Тетово, која со семејството долги години живеела во Италија е уште една жртва на фемицид.
Голема трагедија ја потресе македонската заедница во Пјаченца, Италија, како и целата македонска јавност, откако тамошните медиуми објавија за фемицид извршен од страна на 60-годишниот Хако Витанов. Тој се јавил на бројот за итни случаи 112 и признал дека ја убил својата сопруга, по што исчезнал.
Припадници на карабинерите влегле во станот на шестиот кат на улицата Виа Џулио Пасторе со помош на скала од противпожарната служба. Во дневната соба, покрај софата, било пронајдено телото на 55-годишната Милена Витанова. На подот бил пронајден нож. Според првичните информации, жената имала прострелна рана, како и повеќе повреди на главата.
Веднаш била започната потрага по сопругот. Околу два часа подоцна, полицијата го лоцирала на Монументалните гробишта во Пјаченца, покрај гробот на неговиот син Методиј, кој во 2020 година загинал во сообраќајна несреќа заедно со својата братучетка Марија.

Според италијанските медиуми, мажот се обидел да си ги пресече вените. Екипа на итната медицинска помош го пренела во болница под полициска придружба, по што бил уапсен.
Семејството Витанови е познато на пошироката јавност од трагедијата која им се случи во 2020 година, кога во сообраќајна несреќа загина нивниот 26-годишен син Методиј, на улиците на Пјаченца околу четири часот наутро, на втори февруари. Со него во смрт замина и неговата братучеда Марија (25), ќерка на македонскиот конзул во Италија, Стојан Витанов од Струмица. Татковицте на двајцата млади беа браќа.
Според пишувањето на италијанските медиуми, автомобилот „Рено Клио“ удрил во дрво и веднаш се запалил, па кога пристигнале спасувачите екипи веќе било доцна. Медиумите пренесуваа дека станува збор за кобно место на кое за десет дена се случиле три сообраќајни несреќи со фатални последици.
Деск

