По повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, премиерот Христијан Мицкоски се обрати со порака во која ја нагласи важноста на слободата како вредност што не се добива однапред, туку се стекнува и постојано се одржува.
Во обраќањето објавено од Влада на Република Северна Македонија, Мицкоски порача дека 9 Мај претставува потсетник за историските жртви направени во борбата против фашизмот, но и за одговорноста што ја носат денешните генерации.
„Слободата не е подарок, таа е избор, жртва и одговорност“, истакна премиерот, нагласувајќи дека современото општество мора да ја чува слободата преку зајакнување на институциите, почитување на демократските вредности и лична одговорност на граѓаните и носителите на функции.
Тој во обраќањето ја поврза оваа порака со европските вредности и процесот на интеграција, нагласувајќи дека единството и мирот во Европа се резултат на историски искуства, но и на постојана политичка и општествена посветеност.
-Знам дека не се живее лесно. Знам дека многу семејства секој ден прават пресметки како да го поминат месецот. Дека ценовните шокови, инфлацијата и скапиот живот се најголемата грижа на граѓаните. И тоа не е само ваша грижа – тоа е и моја лична грижа. Затоа сè што правиме во овој период е насочено кон тоа државата повторно да ја застанеме на нозе, да ја закрепиме економијата и да создадеме сигурност и перспектива за секој човек.
Нашата политика е политика на четири клучни столба.
Првиот столб е економијата и животниот стандард. Нашата цел е јасна – повисоки плати, повеќе инвестиции, нови работни места и силна домашна економија. Работиме на поддршка на компаниите, на отворање нови капацитети, на инфраструктурни проекти и на финансиска стабилност.
Вториот столб е образованието. Моќта на образованието е најсилниот лек против сиромаштијата. Држава која инвестира во знаење, инвестира во својата иднина. Затоа вложуваме во училишта, во подобри услови за учениците и наставниците, во модерни програми и дигитализација. Сакаме младите да добијат образование кое ќе им отвора врати, а не ќе ги тера да ја бараат иднината надвор. Образованието мора да биде двигател на промените и надеж за секое дете.
Третиот столб е правдата. Народот со години беше разочаран од двојните аршини, од чувството дека за едни има закон, а за други нема. Затоа рековме – нема да има наши и ваши, нема да има заштитени и недопирливи. Граѓаните мора повторно да поверуваат дека институциите постојат за да служат на народот, а не на поединци.
Четвртиот столб се младите и иднината. Нема иднина ако младите ја губат надежта. Затоа нашата борба е да создадеме држава во која младите ќе сакаат да останат, да создаваат семејства, да работат и да успеваат. Сакаме младите луѓе да бидат двигател на промените, а не сведоци на разочарувања. Нашата обврска е да им оставиме држава со перспектива, достоинство и верба дека најдоброто време допрва доаѓа, кажа премиерот.
Обраќањето доаѓа во контекст на одбележувањето на Денот на Европа, кој традиционално се користи како симбол на европското единство и демократските вредности.
Деск

