Во Куманово, градот со вековна мултиетничка традиција, пред 11 години се случи еден од најсериозните безбедносни настани во поновата историја на Македонија.

Денес се навршуваат единаесет години од вооружениот инцидент во кумановската населба „Диво Насеље“. На 9 и 10 мај 2015 година, во дводневни судири меѓу државните безбедносни сили и вооружена група, животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни служби, додека повеќе десетици беа повредени. Во вооружената група имаше и загинати лица. Загинаа Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Во пресрелката имаше и 37 повредени припадници на безбедносните сили.
Инцидентот заврши по интензивни борби и полициска акција во густо населена урбана средина, по што следуваа обемни истраги и судски процеси против дел од учесниците. Дел од учесниците во нападот, добија доживотен затвор, а другите се осудени на затворски казни по 40 години, 20, 12 години затвор.
И по повеќе од една деценија, дел од околностите и натаму се тема на различни толкувања, додека институциите продолжуваат да го третираат случајот како еден од клучните безбедносни предизвици во поновата историја на државата.
Заедничкиот живот е во интерес на сите граѓани на Македонија, без оглед на етничката или верска припадност, и по 11 години од инцидентот кој зацрни многу семејства, останува пораката – Никогаш да не се повтори!
Деск

