Авион на нискобуџетната авиокомпанија Ryanair, кој летал на релација Лондон–Осиек, бил принуден околу дваесетина минути да кружи над осиечкиот аеродром поради доцнење на контролор на летање на неговата смена.
Според информациите објавени од хрватските медиуми, екипажот и патниците биле известени дека, доколку ситуацијата не се реши навреме, можно е авионот да биде пренасочен кон друг аеродром. Сепак, по краткото задржување во воздух, леталото добило дозвола за слетување и безбедно пристигнало на својата дестинација.
Од Хрватската воздухопловна контрола соопштиле дека безбедноста на летот во ниту еден момент не била доведена во прашање. За време на чекањето, авионот бил под надзор на надлежните служби за контрола на воздушниот сообраќај, а процедурите биле спроведени согласно важечките безбедносни стандарди.
Прелиминарната интерна проверка покажала дека причината за инцидентот била индивидуален пропуст, односно задоцнето пристигнување на вработен на работа. Надлежните најавиле дисциплинска постапка за утврдување на одговорноста.
Воздухопловните експерти посочуваат дека кружното чекање над аеродром, познато како „holding“, е вообичаена и безбедна процедура што се применува кога авионот привремено не може да добие одобрение за слетување. Такви ситуации најчесто се предизвикани од густ сообраќај, временски услови или оперативни причини, а во овој случај станува збор за организациски пропуст во службата за контрола на летање.
Деск

