Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија поднесе кривична пријава против полициски службеник поради сомнение за сторено кривично дело „оддавање службена тајна“.
Според информациите од надлежните органи, пријавениот Б.Т., вработен во Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Прилеп, на 16 мај 2025 година, при извршување службени задачи и полициски овластувања во врска со пријавено кривично дело, добил податоци кои претставуваат службена тајна во рамки на предистражна постапка.
Подоцна, на 19 мај 2025 година, преку приватна комуникација на мобилна апликација, тој наводно ги споделил тие информации со бранител на осомничено лице во постапката. Податоците, како што се наведува, се однесувале на искази на лица лишени од слобода на кои им била определена мерка притвор, како и на издадени наредби за приведување.
Кривичната пријава е доставена до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое ќе постапува понатаму и ќе утврдува дали има основи за поведување кривична постапка.
Previous ArticleТАТКО ХЕРОЈ: ЖРТВА ШТО МУ ГО СПАСИЛА ЖИВОТОТ НА НЕГОВИОТ СИН ЛЕО

