Дванаесет државјани на Бугарија биле приведени при полициска контрола на објект во изградба на улицата „Тодор Циповски Мерџан“ во Тетово, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите, на 24 јуни околу 15:15 часот полициски службеници од СВР Тетово извршиле контрола на градилиштето, при што биле затекнати 12 лица на возраст од 34 до 66 години кои работеле на објектот.
При проверките било утврдено дека лицата престојувале на подрачјето со нерегулиран и непријавен престој. Поради тоа, тие биле приведени и задржани во Полициската станица Тетово за понатамошна постапка.
Од СВР Тетово информираат дека за случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци согласно одредбите од Законот за странци.
Надлежните институции продолжуваат со постапката за утврдување на сите околности поврзани со престојот и ангажманот на лицата на градилиштето.

