Во Македонија е потврден случај на денга треска кај 42-годишен маж од Бангладеш, кој допатувал во земјата поради работни обврски.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, денеска информираше дека случајот е лабораториски потврден врз основа на анализи извршени на Клиниката за инфективни болести во Скопје и во Институтот за јавно здравје.
Пациентот е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и, според лекарските информации, се наоѓа во стабилна здравствена состојба и е под постојан медицински надзор.
Денга треска е вирусно заболување кое се пренесува преку каснување од заразени комарци од родот Aedes. Болеста не се пренесува директно од човек на човек, туку преку вектор – заразен комарец кој претходно каснал инфицирано лице.
Најчестите симптоми вклучуваат нагла висока температура, силна главоболка, болки во мускули и зглобови, болка зад очите, замор, гадење, повраќање и појава на осип. Пациентите често опишуваат и изразена болка во телото со чувство „како да им се кршат коските“, што е една од карактеристичните манифестации на болеста.
Во одредени случаи, болеста може да премине во потешка форма со крварења и сериозни компликации.
Специфичен лек за денга треска не постои, па третманот е главно симптоматски. Тој вклучува одмор, внесување течности, лекови за намалување на температурата како парацетамол, како и внимателно медицинско следење на пациентите, особено кај потешките случаи.
Здравствените власти апелираат на внимателност, но нагласуваат дека најголем дел од случаите завршуваат со целосно закрепнување.
ДЕНГА ТРЕСКА ВО МАКЕДОНИЈА КАЈ 42-ГОДИШЕН МАЖ – ВИСОКА ТЕМПЕРАТУРА И БОЛКИ КАКО „КРШЕЊЕ НА КОСКИ“ МЕЃУ СИМПТОМИТЕ
2 Mins Read

