Почина истакнатиот режисер и драматург Сашо Миленковски, на 62-годишна возраст, а веста ја соопштија од Драмски театар Скопје. Според првичните информации, тој починал по долго боледување, а ќе биде погребан во неговиот роден град Битола, на први јули.
Во својата богата кариера Миленковски има реализирано повеќе од педесет режии на сцените во Македонија, регионот и во Европа. Четири децении со својата режисерска креативност создаваше дела на театарската сцена, а минатиот месец ја доби нагрдата за животно дело на Македонскиот театрски фестивал Војдан Чернодрински.
Пред тоа, двапати ја добива наградата за најдобра режија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ – во 1993 година за „Game over“ (Народен театар – Куманово) и во 2007 година за „Македонски рулет“ од Љубиша Георгиевски (Драмски театар Скопје), при што и двете претстави се прогласени за најдобри во целина.
Миленковски беше во брак со актерката Билјана Беличанец, која почина на 45-годишна возраст во 2019 година.
Од Драмски театар Скопје истакнаа дека јавноста дополнително ќе биде известена кога ќе се одржи комеморацијата.
В.К.

