Македонскиот млад математичар Македон Димитровски оствари извонреден успех на финалето на меѓународниот математички натпревар „Математика без граници“, што се одржа во Несебар, Бугарија. Со освоените награди тој се вброи меѓу најуспешните учесници на целиот турнир, потврдувајќи го својот исклучителен талент и високото ниво на знаење.
Димитровски освои златен медал на индивидуалниот натпревар „Математика без граници“, прво место и Куп на натпреварот, како и престижното признание „Math Star of the Tournament“ (Математичка ѕвезда на турнирот). Покрај тоа, беше прогласен и за апсолутен победник на Купот на градоначалникот на Несебар.
Успешниот настап го заокружи со сребрен медал на меѓународниот натпревар по алгебра „Ludovico Ferrari“, како и бронзен медал во екипна конкуренција.
Овој резултат е плод на долгогодишна посветеност, напорна работа, дисциплина и љубов кон математиката. Освоените признанија претставуваат уште една потврда дека македонските ученици можат успешно да се натпреваруваат со своите врсници од целиот свет и да освојуваат највисоки одличја.
Успехот на Македон Димитровски е значајно признание не само за него, туку и за македонското образование и за државата. Ваквите достигнувања се доказ дека вложувањето во младите таленти носи резултати и дека знаењето останува најсилниот пат кон меѓународен успех.
Со своите извонредни резултати, Македон Димитровски уште еднаш ја претстави Македонија на најдобар можен начин, покажувајќи дека упорноста, талентот и посветеноста можат да ги поместат сите граници.
Previous ArticleПОВТОРНО СЕ ТРАГА ПО МЛАДИОТ СТРУМИЧАНЕЦ ДРВОШАНОВ

