Владата соопшти дека започнува имплементацијата на новиот Национален едношалтерски систем, кој треба да овозможи компаниите на едно место електронски да ги завршуваат постапките поврзани со увозот, извозот и транзитот на стоки.
Според Владата, преку новата платформа ќе бидат поврзани 15 државни институции, со цел да се поедностават административните процедури, да се забрза обработката на барањата и да се овозможи електронска размена на податоци меѓу надлежните органи.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека станува збор за една од најзначајните дигитални реформи во областа на трговијата и царинските постапки. Тој посочи дека системот ќе овозможи услугите што досега се обезбедувале преку повеќе институции да се добиваат преку единствена електронска точка.
Од Владата информираат дека е завршена тендерската постапка и е потпишан договор со избраниот изведувач за испорака и имплементација на системот. Според најавите, проектот треба да биде целосно реализиран до крајот на 2027 година.
Новиот Национален едношалтерски систем е дел од пошироки активности за модернизација на трговските процедури и олеснување на прекуграничната трговија, а со неговото воведување се очекува да се намали административниот товар за компаниите и да се подобри координацијата меѓу институциите.
Реалните ефекти од реформата ќе можат да се оценат по завршувањето на имплементацијата и почетокот на целосната примена на системот.
НИКОЛОСКИ: ЗАПОЧНУВАМЕ СО НАЈКРУПНАТА РЕФОРМА – ЕДНА ПЛАТФОРМА НАМЕСТО ПОВЕЌЕ ШАЛТЕРИ!
1 Min Read

