Судбината сакала нејзиното заминување да се случи на еден од најважните датуми во нејзиниот семеен живот. Таа починала на 30 септември 1997 година, токму на денот кога со сопругот Александар ја одбележувале 35-годишнината од нивниот брак.
Пред речиси 29 години на 55-годишна возраст почина македонската театарска и филмска актерка, Анче Џамбазова, симбол на една значајна епоха во македонската култура. Ќерка на бардот на македонското глумиште, Петре Прличко, сопруга на маестро Александар Џамбазов и мајка на актерот и шоумен Игор и архитектот Татјана, Анче со нејзиниот препознатлив сценски израз се вбројува меѓу уметниците кои оставија траен белег во развојот на македонската театарска и филмска уметност.

-Се зедовме на 30-ти септември 1962 година, и она кое ми е најтешко е што точно по 35 години, во 11 часот, кога се венчавме, таа почина, раскажуваше во постари интервјуа Џамбазов.
-Кога си отиде Анче, и јас отидов, тука сум само, онака… знаеше да каже.
За нивната љубов неретко се пишуваше. Се запознале во Охрид, а по две години ја крунисале љубовта со брак.
Зад неа останаа улогите во ,,Мирно лето”, ,,Прозори”, ,,Брачна понуда”, ,,Првите цутови”, ,,Сеништа”, ,,Сомнително лице”, ,,Македонски народни приказни”, ,,Комедијанти” и многу други.
Во 2020 година беше промовиран документарен филм за актерката, поддржан од средствата наменети за одржување на Фестивалот ,,Гола месечина 2019″ од страна на Општина Аеродром. Истиот може да се погледне на следниот линк:
https://www.youtube.com/watch?v=LS1WaA0isWQ

