Археолошкиот тим на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип откри доцноантичка некропола од VI век од нашата ера во близина на археолошкиот локалитет Баргала. Новото откритие претставува значаен придонес кон проучувањето на историскиот развој на еден од најважните археолошки комплекси во источниот дел на Македонија.
Истражувањата се реализираат на локалитетот Џамалзлиски Гробишта, кој се наоѓа на околу 500 метри југозападно од археолошкиот локалитет Баргала и црквата „Св. Ѓорѓи“, на левата страна од Козјачка река. На оваа локација во 2012 година биле регистрирани нелегални ископувања, по што се наметнала потребата од систематски археолошки истражувања.
Со досегашните активности е дефинирана и документирана ѕидана гробница, како и целосно откриена семејна гробница. Особено значајно е откривањето на семејна гробница со шест гроба, обиколени со камени блокови и оформени како единствена целина. Во непосредна близина се откриени и повеќе гробови од типот на меморијалници, кои се датираат во периодот од IV до VI век од нашата ера.
Теренските истражувања на површина од околу пет хектари потврдиле постоење на повеќе гробни конструкции, што укажува дека на овој простор се наоѓала некрополата на доцноантичкиот град Баргала. Археолозите откриле уште неколку гробови, меѓу кои и гроб на млада индивидуа.
Истражувањата откриле и постари културни слоеви. Под гробовите е пронајдена керамика што потекнува од железнодобскиот период, што отвора можност за дополнителни сознанија за најстарите населби и културни хоризонти на овој простор.
Од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип информираат дека археолошките истражувања продолжуваат со цел целосно дефинирање на некрополата, како и подетална анализа на откриениот археолошки материјал.
Новите наоди уште еднаш ја потврдуваат исклучителната историска вредност на Баргала, локалитет кој со векови сведочи за животот, културните практики и погребните обичаи на древните заедници што живееле на овој простор.
ОТКРИЕНИ СЕМЕЈНИ ГРОБНИЦИ И СВЕДОШТВА ОД ЖИВОТОТ НА ДРЕВНИТЕ ЖИТЕЛИ НА БАРГАЛА
2 Mins Read
Previous ArticleАНЧЕ ЏАМБАЗОВА – ТИВКАТА СИЛА НА МАКЕДОНСКАТА АКТЕРСКА СЦЕНА

