31-годишната инфлуенсерка Ашли Робинсон, позната на социјалните мрежи како Ashlee Jenae, починала за време на престој во Занзибар, само неколку дена по нејзината веридба во Танзанија.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста, а нејзиното семејство бара целосно разјаснување на околностите.
На 3 април, Робинсон објавила видео на Instagram од моментот кога нејзиното момче, Joseph McCann, ја запросил за време на сафари во Танзанија. Само два дена подоцна, на својот 31 роденден, таа споделила фотографија со жирафа и напишала дека се наоѓа токму таму каде што треба да биде.
Според информациите, Робинсон била пронајдена без реакција во хотелот Zuri Zanzibar на 8 април навечер. Била пренесена во болница, каде што следниот ден била констатирана смрт. Локалната полиција соопштила дека претходно имало расправија меѓу неа и нејзиниот партнер, но семејството целосно ја оспорува официјалната верзија и смета дека има многу неразјаснети детали.
Нејзините родители, Хари Робинсон и Јоланда Денис Ендрес, изјавиле дека во деновите пред трагедијата не забележале ништо што би укажувало на проблеми. Според мајката, Ашли разговарала со неа вечерта на 8 април и кажала дека по кавга биле сместени во одделни соби. Сестрата на инфлуенсерката, Алиса Ендрес, за американските медиуми изјавила дека целата ситуација не се совпаѓа со карактерот на нејзината сестра. Семејството објави и јавно соопштение на Instagram во кое случајот го нарече сомнителен и потврди дека работи со власти од Танзанија и САД за да дојде до одговори.
Во меѓувреме, кампања на GoFundMe покрената од семејството за покривање на трошоците поврзани со патувањето и истрагата ја надминала целта од 50.000 долари.
М.К.

