Здравко Чолиќ редовно се враќа во Мрзенци! Легендарниот поп пејач Здравко Чолиќ го посетил ресторанот Јавор Агапи, Мрзенци, а фотографии од неговата дружба со газдата Перо Митров беа објавени на страницата на ресторанот. Ова не е првпат позната регионална ѕвезда да го посети ресторанот кој опстојува половина век и го позиционираше малото Мрзенци на мапата на туризмот. Чолиќ во многу наврати доаѓа во ресторанот, и често се објавуваат фотографии од посетите.

Нема кој не слушнал за јагнешкото од Мрзенци, но и за бројните специјалитети во кои ужива цел Балкан, а и пошироко, посебно за време на летниот период, кога доаѓаат туристи кои се на пропатување низ Македонија, а локалот е препознатлив како место за одмор и добра храна.
За газда Перо пак, мештаните раскажуваат дека уште на свои 16 години, поради сиромашното и тешко детство решил да се занимава со угостителство, а во 1984 година заедно со својот партнер го отвориле првиот ресторан. Брендот претрпел неколку промени, од локација до партнерски односи и ребрендирање, но со децении останува непроменет квалитетот на храната која се нуди.
Со децении, јагнешко се набавувало од исто место, сирење се носело од семејства кои имаат свои бачила, познатиот патлиџан – јабучар се одгледувал специјално за потребите на ресторанот. Името Јавор – Агапи, дошло од еден стар јавор од каде се направиле првите чекори, а пак Агапи, што во превод значи љубов, е името на сопругата на Перо.

Минатата година ресторанот беше награден со Пехар и Златен медал за квалитет и долгогодишен развој и придонес во македонскиот туризам на 56-от Меѓународен саем за туризам кој се одржува во Нови Сад, Србија.
В.К.

