Сѐ погласни се реакциите во јавноста за воведување ред и построги регулативи за користење на електричните тротинети, откако во изминатиот период се бележи зголемен број сообраќајни незгоди и повреди поврзани со нивната употреба.
Граѓаните бараат појасни правила за движење, задолжителна заштитна опрема, ограничувања на брзината, како и поефикасна контрола на возачите на електрични тротинети, кои сè почесто се учесници во сообраќајни инциденти. Дополнително, се посочува дека дел од јавноста дури и не е целосно запознаена со точните правила за тоа каде и како е дозволено да се возат електричните тротинети, што дополнително создава конфузија и ризици во сообраќајот. Во реакциите на граѓаните се нагласува и барањето малолетници воопшто да немаат право да управуваат со електрични тротинети, поради зголемениот ризик и недоволната сообраќајна свест кај оваа возраст.
Посебно загрижува фактот што, според реакции од граѓаните и сведоштва, тротинетите сè почесто ги користат и деца, што дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста во сообраќајот. Особено загрижува фактот што дел од несреќите завршуваат со тешки телесни повреди, а во одредени случаи има и жртви.
Во меѓувреме, во подготовка се законски измени со кои ќе се овозможи воведување казни и за возачите на електрични тротинети, со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се намали бројот на несреќи.
На оваа тема се осврна и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој изнесе цврст став во однос на користењето на електричните тротинети.
„Ако јас лично се прашувам, јас би ги забранил тротинетите да се управуваат во Македонија. Електричните тротинети. Но, ќе оставам во рамки на една дебата, предлози итн. Да најдеме соодветно решение, тргнувајќи од аспект на повредени лица, тешко телесно повредени лица, загинати лица. Јас би ги забранил целосно.“, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Очекувањата се дека во наредниот период ќе биде отворена поширока јавна дебата за идниот статус на електричните тротинети, како и за можните законски решенија кои треба да придонесат кон поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Деск

