Владата е сè поблиску до одлука самостојно да го реализира проектот за хидроцентралата Чебрен и комплексот на централи на реката Црна, а во тек се разговори за обезбедување финансиска поддршка од синдикат на меѓународни финансиски институции, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за начинот на финансирање на проектот, чија вредност според проценките изнесува околу 1,5 милијарди евра, Мицкоски рече дека Владата ја разгледува можноста државата сама да го гради целиот комплекс на централи на реката Црна, над постојната хидроцентрала Тиквеш.
„Овој е стратешки проект, не само за Македонија како држава, туку и за регионот. До сега имаше многу неуспешни тендери, обиди за приватни партнерства и процеси поврзани со многу сомнежи“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека доколку се формира синдикат на меѓународни финансиски институции, за што веќе се водат разговори, реално е да се очекува поставување камен-темелник за проектот во текот на следната година.
Според премиерот, Владата и АД ЕСМ сметаат дека проектот треба да биде реализиран поради неговото повеќекратно значење за државата. Како една од главните причини ги наведе климатските промени и потребата од обезбедување дополнителни водни ресурси.
-Има многу причини за кои верувам јас, и јас и колегите во Владата, и во компанијата АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, дека треба да се обидеме, вака народски кажано, да стиснеме заби и да го изградиме сами овој проект.
Имајќи ги предвид климатските промени, убеден сум дека не само на Македонија како држава, туку и во регионот, ќе им требаат два резервоари за питка вода. Токму тие се тие акумулации, таков тип на резервоари.
Така што, производството на електрична енергија можеби и не е примарен предизвик, можеби е терцијален или четврт по ред, имајќи предвид дека под постоечката хидроцентрала Тиквеш се наводнуваат некаде околу шеесетина илјади хектари земјоделско земјиште. Фармерите од тој регион најмногу се занимаваат со производство на грозје, вино и и така натаму. Ценам дека овие количини на вода само може да го помогнат тој процес, па дури потоа да зборуваме за производство на електричната енергија.
Така што, ова е амбициозна најава, но не е невозможна и многу блиску сме до конечна одлука самата држава да го гради овој проект. Убеден сум дека не само на Македонија како држава, туку и во регионот, ќе им требаат два резервоари за питка вода. Токму тие се тие акумулации“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека придобивките од проектот не се ограничени само на производството на електрична енергија, туку се поврзани и со поддршка на земјоделството преку обезбедување дополнителни количини вода за наводнување на околу 60.000 хектари земјоделско земјиште во Тиквешкиот регион.
„Ова е амбициозна најава, но не е невозможна и многу блиску сме до конечна одлука самата држава да го гради овој проект“, нагласи премиерот.
Проектот Чебрен со децении се смета за еден од најголемите и најзначајни енергетски проекти во земјата, а досега беа распишани повеќе тендери и иницијативи за негова реализација, без конечен успех.
Деск
АКО СТИСНЕМЕ ЗАБИ, САМИ ЌЕ ГО ИЗГРАДИМЕ ЧЕБРЕН, КАЖА МИЦКОСКИ ЗА ЕНЕРГЕТСКИОТ ПРОЕКТ
3 Mins Read

