Љупчо Грнчиштаров, поранешен главен инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и еден од обвинетите во предметот за трагедијата во Кочани, починал на 54-годишна возраст.
Информацијата ја потврдија од Јавното обвинителство, од каде што соопштија дека обвинетиот починал откако му се слошило во домашни услови.
„Јавното обвинителство е известено. Обвинетиот починал откако му се слошило во домашни услови. Основното јавно обвинителство Скопје ќе издаде наредба за обдукција“, информираа од Обвинителството.
Грнчиштаров беше опфатен со обвинението во големиот судски процес што се води против 35 обвинети лица, меѓу кои поранешни и актуелни функционери од државни институции, како и три правни субјекти. Сите се товарат за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“ во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Трагедијата се случи на 16 март 2025 година, кога во пожарот животот го загубија 63 млади лица, а повеќе од 200 беа повредени. Случајот предизвика силна реакција во јавноста и отвори прашања за одговорноста на институциите и почитувањето на безбедносните стандарди.
Според достапните информации, Грнчиштаров ја извршувал функцијата генерален инспектор во ДЗС до денот на трагедијата. За време на судската постапка тој не пријавил здравствени проблеми, а последната мерка што му била определена била куќен притвор.
Ова не е прв случај на смрт на лице опфатено во истрагите поврзани со пожарот во Кочани. Во октомври минатата година почина и Владо Петров, пензиониран полициски службеник и еден од осомничените во предистражната постапка. Тој беше осомничен дека како тогашен главен инспектор за сообраќајни работи потпишал документ поврзан со паркинг-просторот пред дискотеката „Пулс“.
Во моментов за трагедијата во Кочани се водат три одделни судски процеси. Главниот предмет опфаќа повеќе од 30 обвинети лица, додека другите два процеса се однесуваат на обвинети полициски службеници.

