Откако со денови не одговарала на телефонските повици нејзините соседи повикале полиција. Кога ја скршиле вратата на нејзиниот стан во центарот на Белград, ја пронашле почината, опкружена со своите мачки.
Весна Вуловиќ (1950 – 2016) е жената за која пишуваше целиот свет, а почина сосема сама, жената која ја одби поканата за интервју на Опра Винфри и која се најде во Гинисовата книга на рекорди, како единствената во светот која преживеала пад од авион од висина од над 10.000 метри.
За судбината на стујардесата Весна дозна целиот свет, откако во 1972 година авионот кој летал на линија Копенхаген – Загреб – Белград, експлодирал над Чехословачка, а таа преживеала бидејќи била врзана во седиштето во задниот дел на авионот, кој после експлозијата останал споен за тоалетите и паднал на планината покриена со снег. Тогаш имала 22 години, а била на летот поради печатна грешка, наместо нејзината колешка со исто име. Починаа сите 28 патници и сите останати членови на екипажот.
Ја пронашол шумарот Бруно Хенке, кој со раце кршел делови од металниот контејнер за да ја извади. Во нејзина чест, внуката која ја добил по несреќата, Бруно ја крстил Весна.
Била во кома со денови, со бројни тешки повреди, а по еден месец од болницата во Прага, била транспортирана во Белград. За време на авионскиот транспорт одбила да прими лекови за спиење, а по шест месеци од несреќата повторно застанала на нозе.

-По мојата рехабилитација, јас сакав пак да работам и да летам. Но, во ЈАТ сакаа да ме испратат во инвалидска пензија на 22 години! После две години, кои ги поминав на боледување, јас пак се вратив во ЈАТ, но не во авион, туку во продажба на авио билети. По несреќата летав најмалку 200 пати, бев во многу земји, немам страв од авиони и не се плашам од височина. По 18 години работа во службата на ЈАТ, заминав во инвалидска пензија. Немам деца, бев во брак десет години, а по несреќата првин ја изгубив баба ми, по пет години и мајка ми, а потоа и татко ми. Живеам сама со моите три мачки и хоби ми е преживувањето, бидејќи преживувам со пензија од 17.000 динари (околу 8.500 денари), раскажа таа во едно од ретките интервјуа неколку години пред да почине.
За денот пред кобниот лет пак, раскажа дека со колегите имале слободно попладне и иако таа сакала да одат на прошетка низ Копенхаген, сите останати инсистирале да одат во шопинг, да купат подароци за своите блиски.
-Сите тие, како да знаеја дека ќе починат. Купија подароци за своите блиски, и постојано зборуваа за своите ќерки и синови, кажуваа само убави нешта. Кога сега се сеќавам на тоа, мислам дека тие како да имаа претчувство дека тоа им беше последен ден во животот, се сеќаваше Весна.

