Владата најави засилени активности за модернизација на јавната администрација, со фокус на дигитализација на услугите, намалување на бирократските процедури и приближување на институциите до граѓаните.
Како што соопшти премиерот Христијан Мицкоски, реформите се насочени кон создавање поефикасен, поедноставен и подостапен јавен сервис.
Според најавите, еден од главните столбови на реформите ќе биде проширување на дигиталните услуги, со цел граѓаните и компаниите да можат побрзо и поедноставно да ги добиваат административните услуги, без непотребно чекање и физичко присуство на шалтер.
Владата истакнува дека дигиталната трансформација треба да придонесе кон намалување на бирократските процедури и зголемување на транспарентноста во работењето на институциите.
-Свесен сум дека постојат критики, дека постои незадоволство и дека многумина очекуваат побрзи, поквалитетни и поефикасни услуги од институциите. И не би било чесно денес, на овој ден, да се преправаме дека тие критики не постојат. Но, исто така би било неправедно и неточно доколку целата одговорност се обиде да се стави врз луѓето кои работат во администрацијата. Затоа што оваа перцепција не е создадена вчера, ниту минатата година. Таа е резултат на процес кој траел со години, па и со децении. Резултат на систем кој премногу долго бил оптоваруван со бирократија, со застарени процедури, со недоволна дигитализација, со нејасни критериуми за напредување и со практики кои често повеќе ја штителе формата отколку суштината. Премногу долго граѓаните се соочуваа со институции во кои за едноставна услуга беа потребни денови, недели или месеци. Премногу долго се создаваше чувство дека системот е комплициран, бавен и недостапен. И тоа чувство со текот на времето прерасна во недоверба. Но, кога зборуваме за таа недоверба, мора да бидеме искрени и да кажеме дека проблемот не бил само во луѓето. Проблемот бил во начинот на кој системот бил поставуван и граден со години. Токму затоа нашата задача денес не е да бараме виновници за вчерашните слабости, туку да создадеме решенија за утрешните успеси, истакна Мицкоски.
Покрај дигитализацијата, најавени се и мерки за внатрешно унапредување на јавната администрација, со цел институциите да станат пофункционални и поблиски до граѓаните.
Фокусот, како што се наведува, е ставен на создавање систем кој ќе биде поедноставен за користење, но и поефикасен во испорачување на јавни услуги.
Овие најави се дел од пошироката агенда на Владата за реформи во јавниот сектор, кои опфаќаат дигитална трансформација, подобрување на административните процеси и зголемување на ефикасноста на институциите.
Владата најавува дека процесот ќе се одвива фазно, со постепено воведување нови дигитални решенија и реорганизација на дел од административните процедури.
НЕПРАВЕДНО Е ДА СЕ ОБВИНУВААТ ЛУЃЕТО КОИ РАБОТАТ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА, ПРОБЛЕМОТ БИЛ ВО НАЧИНОТ НА КОЈ БИЛ ГРАДЕН СИСТЕМОТ, КАЖА МИЦКОСКИ
2 Mins Read

