Премиерот Христијан Мицкоски на вчерашната седница за поставување на пратенички прашања направи компарација на цените на дизелот и бензинот, потенцирајќи дека Македонија денес има најниска цена на нафтата и бензинот споредбено со земјите од регионот.
„Во Србија ако денеска наточете еден литар гориво, цената е 1,85 евра по литар, а ако наточете 95 октански бензин, тогаш е 1,63 евра по литар. Ако појдете во Хрватска, таму во зависност дали точите во градовите или на автопат, цената за нафта денеска се движи од 1,59 евра до 1,85 евра по литар, а за бензинот цената е 1,57 до 1,73 по литар. Во Словенија дизелот можете да го купите за 1,72, а безоловниот 1,60. Ако продолжете понатаму и стигнете до БиХ таму дизелот ќе го купувате за 1,50 евра, а безоловниот бензин за 1,46. Во Црна гора дизелот ќе го купувате за 1,55 евра, а безоловниот бензин за 1,59 евра. И потоа во Македонија, дизелот ќе го купите за 1,31, а безоловниот ќе го купите за 1,36. Од 20 до 50 евро центи е разликата од горивото кое што го точат граѓаните кај нас и граѓаните во овие земји“, нагласи тој и додаде:
„Ова е берзанска роба и изворите и берзите се горе доле исти, значи цената би требало да е иста. Но, тоа што го направи оваа влада, со сите мерки кои што ги презема, е фактот дека имавме претприемачка логика. Начинот на кој што размислувавме беше сите оние изгубени даноци, бидејќи го намаливме данокот на додадена вредност и акцизите, да ги амортизираме со зголемена количина на продажба. И во тоа успеавме, бидејќи многу граѓани од Србија, Албанија, Грција доаѓаа кај нас и постоеја денови кога до 50 проценти беше зголемен конзумот на горивата кај нас. Ако внимателно следевте како ги читам цените, ќе забележете дека ние сме единствената земја каде што дизелот е поевтин од безоловниот“.
На прашањето дали ќе има дополнителни мерки, премиерот Мицкоски одговори:
„Во овој момент не планираме, од проста причина што цените паѓаат. Очекуваме сега во понеделник, ако вака продолжат да паѓаат, уште едно уште поголемо намалување на цените на бензините и дизел горивото и на тој начин полека но сигурно да се вратиме на оние цени кои што беа кон крајот на февруари месец оваа година. И со тоа очекуваме дел од транспортните компании да ги вратат цените“.

