На автопатската делница кај Ново Село, во општина Дебрца, од пред два дена во функција се ставени безбедносните камери од системот „Безбеден град“ (Safe City), со што започна неговото постепено воведување и на подрачјето на СВР Охрид.
Од полицијата информираа дека по финалното тестирање, стручни екипи ги активирале уредите, кои во моментов се наоѓаат во фаза на завршна техничка проверка. Поради тоа, камерите сè уште не вршат санкционирање на сообраќајните прекршоци.
Во наредниот период се очекува системот да профункционира и на патниот правец помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на останатите пофреквентни сообраќајници и на коридорите 8 и 10 на подрачјето на СВР Охрид.
Според полицијата, целта на проектот „Безбеден град“ е да овозможи постојан сообраќаен надзор, поефикасно откривање на прекршоците, намалување на бројот на сообраќајни незгоди и зголемување на безбедноста и дисциплината во сообраќајот.
Од СВР Охрид апелираат возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено ограничувањето на брзината на автопатската делница кај Ново Село, каде што максимално дозволената брзина изнесува 100 километри на час.
Previous ArticleТРИУМФОТ НА ЛИНА ЃОРЧЕСКА ИМА ПОСЕБНА ТЕЖИНА И ПРИКАЗНА

