-Имам една песна која не ја пеам пред публика. Таа е моја, толку интимна, и не е за изведување на концерти, бидејќи му ја посветив на татко ми, кој почина додека бев доста млад. Станува збор за песната ,,Далеку е небото“. Мајка ми Перса и сестра ми секогаш ми беа поддршка во животот, раскажуваше Владо Јаневски во постаро интервју.
За неговата мајка која по потекло е од Тиквешијата, во неколку наврати кажа дека знаела да му рече да си најде девојка од тој крај, да се скраси и да формира семејство. Дури и на концерт во Кавадарци пред неколку години раскажа за тие разговори со неговата мајка.
-Убаво ми кажуваше таа, најди си вредна девојка од Тиквешијата, но не ја слушав тогаш, а сега ми е веќе доцна. Отидоа годините, кажа Јаневски.

Популарниот музичар и кантавтор почина вчера, по кратко боледување, пет месеци пред да наполни 66 години. Последните години од животот ги помина во Гевгелија, и како што раскажуваше, го живее неговиот златен период.
-Овде си го најдов мирот! Живеам во стан под кирија, ја продадов куќата во Чаир, ништо не поседувам, а сепак поседувам се што ми треба – спокој и денови кои се слични еден на друг, без брзање, во една таканаречена илегала, и убаво ми е! Немам многу познаници, не следам дневни настани, ниту социјални мрежи, и имам време за книги, филмови, прошетки… Тоа ми е сосема доволно, раскажа минатата година.
Тој беше активен на сцената речиси четири децении, издаде шест студиски албуми, а скоро сите негови песни, посебно баладите, станаа евергрини и дел од животите на многу генерации.
Веста за неговата смрт ја трогна јавноста, и граѓаните со емотивни објави на социјалните мрежи се простуваат со него и ги спомнуваат неговите дела кои ќе останат како потсетник на една ера.

