Во грчкото летувалиште Пефкохори се случил необичен инцидент кога риба-зајак (Lagocephalus), инвазивен вид присутен во Егејското и Средоземното Море, каснала туристка додека влегувала во морето во плитка вода.
Според изјавата на оштетената за грчката телевизија ANT1, инцидентот се случил на самата плажа, во вода до колена, пред таа воопшто да стигне до подлабок дел.
„Одеднаш почувствував силен притисок и остра болка. Сфатив дека нешто ме гризе и не ме пушта“, изјавила таа, опишувајќи дека во шок видела голема риба во близина на ногата.
Таа додава дека во паника почнала да ја тресе ногата за да се ослободи, по што веднаш излегла од водата. Нејзините пријатели, кои биле во близина, реагирале брзо и ѝ помогнале да ја запре крвта пред да биде пренесена во локалниот здравствен центар.
Лекарите ѝ укажале итна медицинска помош, ѝ била дадена вакцина против тетанус, пропишана антибиотска терапија и раната била темелно исчистена и санирана. Според изјавата, каснувањето било на пределот на зглобот, што, за среќа, спречило посериозни оштетувања на ткивото.
Биолозите потсетуваат дека рибата-зајак е инвазивен вид кој преку Суецкиот канал навлегол во Средоземното Море. Иако нејзините органи се токсични доколку се консумираат, нападите врз луѓе се ретки и најчесто се случуваат кога рибата ќе се почувствува загрозена во плитки води.

