Мојата пријателка Соња Јоковиќ го сонувала Тоше во бело и во голема светлина и тоа на денот кога загина, 16 октомври. Што е интересно, и јас имав сличен сон, Тоше во сонот беше во бело, но ја пееше песната „Полско цвеќе“. Значи, ја покренавме таа приказна за да се направи нешто за Тоше, раскажуваше за МИА српскиот витражист Драго Гањиќ минатата година, кога подари витраж со Тоше Проески и мотиви од неговата песна „Полско цвеќе“, а кои се поставени на спомен обележјето на Гумење во Крушево. Комплетната тема на витражот е „Полско цвеќе“.
Песната е со музика на Тоше, а со текст на Владо Јаневски. Беше објавена на албумот ,,По тебе” во 2005 година, односно на неговиот петти студиски албум, издаден на македонски и српски јазик. Тоше почина две години по издавањето на албумот, на 26-годишна возраст.
-Секој дел е од стакло и слика, и тоа запечени во печка. Но се случи нешто неверојатно, зачудувачки. Станува збор за стаклениот дел, последниот дел од текстот што е поставен, а Тоше го отпеа во „Полско цвеќе“. Стаклото трипати пукнуваше во печката. Малку бевме скептични. Тогаш преку пребарување на Интернет видов што работел Тоше кога бил во основно училиште: многу го сакал звукот на пукањето и кршењето на стаклото. Дури, со топка ги скршил прозорците во училиштето. Тогаш, кога го ставав стаклото по четврти пат во печката беше полноќ. Седнав, гледав и си реков: „Тоше, те молам, немој да се скрши и ова стакло“. И, утрото го извадив тоа стакло. Цело, нескршено. И, еве, успеавме да го направиме и да го поставиме, раскажа витражистот за МИА лани во ноември, кога беше поставено делото во Крушево.

