Силното невреме што попладнево го зафати Скопје предизвика бројни проблеми низ градот, а до Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 пристигнале повеќе пријави од граѓани за поплавени објекти, заглавени возила и други последици од обилните врнежи.
Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), најголем број пријави се однесуваат на поплавени подрумски простории, дворови на куќи, магацински простории, подвозници и кружни текови, како и на возила заглавени во вода.
Најпогодени, според досега пристигнатите пријави, се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба.
Од ЦУК информираат дека за сите пријавени случаи веднаш се известени Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и надлежните единици на локалната самоуправа, кои интервенираат согласно своите надлежности.
Во меѓувреме, заседава Кризниот штаб на Град Скопје, кој ги координира активностите на надлежните служби со цел справување со последиците од невремето и обезбедување помош таму каде што е најпотребна.
(Фото: Ризична забава на момче кое скокаше од мост по невремето во Скопје)

