Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини Владата дека не успеала да обезбеди напредок во процесот на европската интеграција на државата, оценувајќи дека граѓаните се „заложници на личната немоќ“ на премиерот Христијан Мицкоски да се справи со предизвиците поврзани со членството во Европската Унија.
Според Филипче, актуелната власт нема јасна стратегија за надминување на застојот во евроинтегративниот процес и, како што рече, со своите политики ја оддалечува државата од европската перспектива. Тој оцени дека наместо конкретни дипломатски резултати, Владата води политика на конфронтација и префрлање на одговорноста.
– По најавата за таканаречениот супервторник, кој е следниот вторник, на 14 јули, ќе се одржат повеќе меѓувладини конференции за четири земји, очигледно идните земји-членки, а сега кандидати за членство во Европската Унија. Ќе се отворат кластери за преговори за Украина и за Молдавија, ќе се затворат повеќе поглавја, две односно три за Црна Гора и Албанија. Со конкретни чекори Европската Унија кажува дека проширувањето е високо на листата на приоритети во нивната агенда. Вчера и од Европската Унија стигна доказ дека ние не постоиме на европската агенда. Очигледно е дека, благодарение на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ние на тој пат повеќе не сме, кажа Филипче.
Лидерот на СДСМ посочи дека европската интеграција треба да остане врвен државен приоритет и повика на одговорен пристап, политички консензус и активно дипломатско дејствување со цел деблокирање на процесот.
Од друга страна, Владата и премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати истакнаа дека остануваат посветени на членството во Европската Унија, но дека нема да прифатат решенија кои, според нив, би биле на штета на националните интереси. Владата нагласува дека очекува процесот на проширување да се темели на европските критериуми и да не биде условуван со билатерални прашања.

