Премиерот Христијан Мицкоски по разрешувањето на дел од министрите порача дека работата на Владата се оценува според резултатите и исполнувањето на обврските кон граѓаните. Тој истакна дека јавните функции носат голема одговорност и дека секој член на Владата мора да биде подготвен да одговори на очекувањата.
Мицкоски им се заблагодари на министрите кои заминуваат од функциите, оценувајќи дека тие чесно и посветено ја извршувале доверената задача. Тој нагласи дека нивниот ангажман и придонес се дел од работата на Владата и од процесот на реализација на владините политики.
„Владата не е на комфор, туку на резултати – функцијата е одговорност што секој ден повторно се заслужува“, порача премиерот, додавајќи дека носењето одлуки за промени во составот на Владата е дел од одговорноста за обезбедување поголема ефикасност и динамика во работењето.
Според Мицкоски, функцијата не треба да се гледа како привилегија, туку како обврска која секојдневно треба да се потврдува преку работа, посветеност и конкретни резултати. Тој посочи дека од членовите на Владата се очекува максимална ангажираност и исполнување на преземените обврски.
-Пред да ги предложам новите министри, чувствувам обврска да им се заблагодарам на луѓето кои во изминатиот период чесно, посветено и одговорно ги извршуваа своите функции. Затоа што во оваа Влада не постои заборав за вложениот труд.
Постои почит кон резултатите. И постои убедување дека секој што чесно работел за државата заслужува благодарност. Една од најважните лекции што ја научив низ политиката е дека зрелоста на една Влада не се гледа само во тоа како избира луѓе, туку и во тоа како се разделува од нив, кажа Мицкоски.
Премиерот нагласи дека промените се насочени кон продолжување на работата со уште поголемо темпо и исполнување на програмските цели, а довербата од граѓаните останува најголемата одговорност за секој носител на јавна функција.

