Тетовецот Рене Реџепи (48), кој важи за еден од најистакнатите готвачи на светот и чиј ресторан ,,Нома” во Копенхаген во 2010, 2011, 2012, 2014 и во 2021 година ја доби титулата ,,Најдобар ресторан на светот” се соочува со тешки обвиненија. Како што објави ,,Њујорк Тајмс”, поранешни вработени во неговиот ресторан го обвиниле за физичко насилство, понижување и создавање на атмосфера на страв во кујната.
Причините за таквото однесување, според вработените, биле поради ненамерни грешки во кујната, но и поради зборување на телефон за време на работа, но молчеле долго време поради страв дека ќе останат без кариера.
По обвинувањата, Реџепи на социјалните мрежи објави извинување до поранешните вработени.
-Не ги препознавам сите детали во овие приказни, но можам да видам доволно од моето минато однесување за да разберам дека моите постапки им наштетиле на луѓето со кои сум работел. На сите кои страдале поради моето лидерство или мојот гнев – искрено им се извинувам, објави тој.
Инаку, Реџепи потекнува од тетовското село Џепчиште, од татко Албанец, а мајка му е од Данска. Добар дел од детството поминал во Џепчиште, комбинирајќи го со Данска во остатокот од годината. Кујната во Македонија му оставила силен впечаток и била значајна инспирација во неговото готвење.
Пред три години најави дека го затвора ресторанот, кој лани го пренамени во екпериментална кујна, каде се содаваат нови вкусови и кулинарски иновации. ,,Нома” беше голбално познат по луксузната кујна, каде менито изнесуваше 500 евра по лице.
Деск

