Сите љубители на македонската музика од денес имаат можност повторно да го доживеат концертниот спектакл на Влатко и Златко Миладиноски во арената „Борис Трајковски“, откако целосната снимка од настанот беше објавена на официјалниот YouTube канал на Влатко Миладиноски.
Станува збор за концерт кој остави значаен белег на македонската музичка сцена и предизвика исклучителен интерес кај публиката уште од самото најавување. Со рекордна посетеност и продукција на највисоко ниво, настанот беше вистинска прослава на македонската народна музика, традиција и културно наследство.
Во текот на вечерта беа изведени најпознатите љубовни, печалбарски, патриотски и народни песни од богатиот репертоар на браќата Миладиноски. Публиката во преполната арена активно учествуваше во секоја изведба, а еден од највпечатливите моменти беше големото оро кое се формираше во салата, создавајќи автентична атмосфера исполнета со емоции, заедништво и почит кон македонската традиција.
На сцената настапија повеќе од 30 музичари, придружувани од играорци, балетски и современи танчери, кои со своите настапи придонесоа за впечатлива визуелна и музичка приказна. Покрај Влатко Миладиноски и оркестарот на Златко Миладиноски, како специјални гости настапија Виданка Георгиевска, Влатко Лозаноски, Некст Тајм, Елена Андоновска, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски.
Дополнителна димензија на концертот му дадоа настапот на познатиот гајдаџија Стефче Стојкоски и впечатливата нарација на актерот Владо Јовановски, по текст на Регина Икономовска.
Концертот беше реализиран со современа сценска, светлосна и продукциска поставеност, зад која стоеше тим од докажани професионалци. Организатор на настанот беше Balkan Media, продуцент Трајче Петковски, видео продукцијата ја реализираше Moonlight Production, аудио продукцијата беше во организација на City Sound, додека сценографијата ја потпишува Зоран Тошески.
Објавувањето на концертот на YouTube претставува можност за сите кои не беа дел од оваа незаборавна музичка вечер, но и за бројните обожаватели кои сакаат повторно да ги почувствуваат емоциите и атмосферата од концертот што остана запаметен како еден од најзначајните музички настани во последните години.
Целосната снимка од концертот „Влатко и Златко Миладиноски – Арена Борис Трајковски 2025“ е достапна на официјалниот YouTube канал на Влатко Миладиноски https://youtu.be/Poe4ZfgCgnk?si=20khW7XTEydzLMr-
По успешните концерти во Македонската опера и балет, на Античкиот театар во Охрид и големиот концерт во СЦ „Борис Трајковски“, Влатко Миладиноски веќе го најави и следниот нивен голем концерт кој ќе се одржи на 29 јули на антолошката сцената на локалитетот Хераклеја во Битола.
ОБЈАВЕН ЦЕЛОСНИОТ КОНЦЕРТ НА ВЛАТКО И ЗЛАТКО МИЛАДИНОСКИ НА ЈУТЈУБ: МУЗИКА, ТРАДИЦИЈА И МАСОВНА ПУБЛИКА НА НАСТАНОТ ЗА КОЈ УШТЕ СЕ ЗБОРУВА
2 Mins Read

