Со завршувањето на овогодишните археолошки истражувања на локалитетот Велушка Тумба кај селото Породин, археолозите дојдоа до нови сознанија за животот на првите земјоделски заедници во Пелагонија, а меѓу најзначајните откритија се две неолитски печки за печење леб, кои според своите димензии претставуваат едни од најголемите досега откриени во Европа.
Истражувањата се реализираат во соработка помеѓу Н.У. „Завод и музеј“ – Битола и Центарот за истражување на предисторијата, со учество на Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел, преку кои се спроведуваат археоботанички и радиокарбонски анализи.
Раководител на истражувањата е д-р Гоце Наумов, а кораководител е вишиот кустос Јасмина Гулевска. Археоботаничките анализи ги координираат д-р Феран Антолин и д-р Амалија Сабанов.
Според информациите од Н.У. „Завод и музеј“ – Битола, истражувањата обезбедиле нови податоци за архитектурата, материјалната култура, стопанството и ритуалните практики на населбата, која постоела континуирано во почетокот на шестиот милениум пред нашата ера, односно пред околу 8.000 години.
Археолозите откриле подови и ѕидови од живеалишта, глинени конструкции, керамички садови и голем број камени мелници за обработка на жито, што сведочи за развиено земјоделско производство. Населбата постепено се надградувала со нови куќи врз постарите, при што се формирала тумба висока околу четири метри.
Особено внимание привлекува откривањето на две големи неолитски печки со глинени сандаци за мелење жито и месење тесто. Поради нивната големина и степенот на зачуваност, тие претставуваат исклучително археолошко откритие, поради што ќе биде неопходна нивна конзервација и заштита.
Уште едно значајно откритие е правоаголна структура изградена врз една од печките, во чиј јужен агол било погребано новороденче положено во превртен керамички сад. Археолозите посочуваат дека станува збор за редок погребен обред меѓу неолитските заедници во Европа, кој има силно симболично значење и укажува на поврзаноста меѓу домот, огништето и животниот циклус.
Во близина на печките биле пронајдени околу дваесет керамички садови користени за подготовка и консумирање храна. Дел од нив се украсени со бели орнаменти и, според археолозите, најверојатно имале церемонијална намена.
Истражувањата резултирале и со откривање жртвеници, модели на куќи, фигурини, како и камени и коскени алатки, кои нудат дополнителен увид во духовниот и секојдневниот живот на неолитската заедница.
Покрај археолошките ископувања, биле земени примероци за радиокарбонски, археоботанички и геоархеолошки анализи, што ќе овозможи попрецизно датирање на сите фази од развојот на локалитетот, како и реконструкција на исхраната, природната средина и климатските услови во кои живееле неговите жители.
Од битолскиот музеј најавуваат дека резултатите од истражувањата ќе бидат објавени во повеќе македонски и меѓународни научни списанија, со што Велушка Тумба ќе добие уште поголема меѓународна научна афирмација.
Теренските истражувања се финансиски поддржани од Министерството за култура и туризам, додека лабораториските анализи се финансирани од Германскиот археолошки институт.
АРХЕОЛОЗИТЕ НА ВЕЛУШКА ТУМБА ОТКРИЈА ЕДНИ ОД НАЈГОЛЕМИТЕ НЕОЛИТСКИ ПЕЧКИ ВО ЕВРОПА
3 Mins Read

