Во СВР Охрид беше одржан работен состанок со полициски службеници од Министерството за внатрешни работи на Република Србија, кои од денеска до 31 август, заедно со полициски службеници од Министерството за внатрешни работи на Македонија, ќе спроведуваат заеднички полициски патроли на подрачјето на Охрид.
Активностите се реализираат врз основа на Протокол за соработка за време на туристичката сезона, а официјалното функционирање на мешовитите патроли започнува од утре.
Од СВР Охрид информираат дека целта на заедничките патроли е дополнително да се унапреди безбедноста на граѓаните и туристите, особено на бројните посетители од Србија кои летниот одмор го поминуваат во Охрид.
Согласно договорените правила, српските полициски службеници ќе постапуваат во согласност со законодавството на Македонија, нема да носат службено оружје и ќе им даваат поддршка на македонските полицајци при извршувањето на службените задачи.
Пред официјалното започнување на ангажманот, полициските службеници од Србија беа запознаени со одредбите од македонските закони за внатрешни работи и за полиција, со цел нивното работење да се одвива согласно домашната законска регулатива.
Заедничките полициски патроли се дел од долгогодишната соработка меѓу двете министерства за внатрешни работи и традиционално се организираат за време на летната туристичка сезона, кога Охрид бележи зголемен број домашни и странски посетители.

