Судиите-поротници од Основниот кривичен суд Скопје денеска одржаа мирен протест, незадоволни од висината на дневните надоместоци кои, како што велат, со години не се усогласени со обемот и одговорноста на работата што ја извршуваат.
Поради протестот, дел од судските рочишта за кои е неопходно присуство на судии-поротници беа одложени и ќе бидат презакажани, додека судењата што ги води судија поединец продолжија според предвидениот распоред.
Судиите-поротници посочуваат дека нивниот дневен надоместок се движи од 570 до 670 денари и дека во изминатите две години повеќепати се обратиле до надлежните институции со барање за негово зголемување, но без конкретен исход.
Од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека ги разбираат барањата на судиите-поротници и оценуваат дека тие заслужуваат достоинствен и соодветен надоместок за својата работа. Од Судот апелираат до Министерството за правда во најкус можен рок да ги преземе потребните чекори за измена на правилникот со кој се уредуваат надоместоците.
Во соопштението се нагласува дека судиите-поротници имаат значајна улога во кривичните постапки и дека нивното присуство е неопходно за одржување на голем број судски расправи, поради што нивниот протест директно влијае врз динамиката на судските процеси.

