Универзитетската клиника за урологија – Скопје ја разгледува можноста за унапредување на третманот на пациентите со камења во бубрезите и уринарниот тракт преку воведување современа ендоскопска опрема од нова генерација.
Во рамки на посетата на претставници од компанијата Vathin, еден од реномираните производители на уролошка ендоскопска опрема, на Клиниката беа презентирани можностите на најновите флексибилни уретероскопи. Технологијата овозможува прецизен и минимално инвазивен пристап при отстранување на камења, вклучително и кај пациенти со посложени случаи.
Посетата беше реализирана на покана на директорот на Универзитетската клиника за урологија, научен соработник д-р Башким Шабани, при што беа демонстрирани карактеристиките и практичната примена на современите инструменти.
Според медицинските експерти, примената на вакви технологии значи значително олеснување за пациентите, бидејќи интервенциите се изведуваат без класични хируршки резови, со помала болка, побрзо закрепнување и пократко време на болничко лекување.
Особено значајна е можноста за третман на големи и комплексни камења, состојби кои досега понекогаш бараа повторени процедури или посложени оперативни пристапи.
Од Универзитетската клиника за урологија – Скопје информираат дека постои интерес за имплементација на оваа технологија, со крајна цел пациентите во Северна Македонија да добијат пристап до современи методи на лекување според актуелните светски стандарди.
Развојот на минимално инвазивната урологија претставува важен чекор кон подобра здравствена грижа, пократко опоравување и повисок квалитет на живот за пациентите.

